| |
|
ЕДЕН ОД НАЈУБАВИТЕ
СКОПСКИ СПОМЕНИЦИ НА ПРИРОДАТА
ДОБИВА ЗАСЛУЖЕНО ВНИМАНИЕ
Кањонот Матка,
конечно, топ-туристичка дестинација
Градот планира идната година да набави и
еколошки туристички чамец, да го реализира проектот за изградба на мост
преку кој ќе може пеш да се стигне до трите прекрасни пештери, Врело,
Крштална и Убава. Од државата, пак, ќе се бара изградба на заобиколен
пат до кањонот кој нема да поминува низ селата

Реновирани
патеки, амбиентално осветлување, нова урбана опрема, туристичко биро и
неверојатна природна убавина. Вака накратко може во моментот да се опише
кањонот Матка, каде идната година се планира и изградба на мост преку
кој ќе може пеш да се стигне до трите прекрасни пештери, Врело, Крштална
и Убава, набавка на еколошки туристички чамци, како и изградба на
заобиколен пат, со кој побрзо ќе стасате до кањонот.
- На патот за Тетово кон кањонот Матка се поставени 22 информативни
табли. Реконструирана е и обезбедена постоечката патека од левата страна
на езерото Матка, со почеток од црквата Св. Андреа во должина од 4
километри. Постоечката просторија, лоцирана од левата страна на влезот
во кањонот е реконструирана во културно-информативно биро, каде ќе
можете да ги добиете сите потребни информации и каде ќе се продаваат
билети за туристичко разгледување со чамец. Тука има и маси, дрвени
клупи во форма на триаголник, информативна табла и 70 метри железна
ограда околу новото плато пред планинарскиот дом. Просторот околу домот
и црквата Св. Андреа е осветлен со канделабри, а во план е да се
постават и рефлектори кои ќе го осветлуваат целиот кањон, како и
пештерите Врело и Убава, објаснува Димче Смилев од одделението за
туризам на Град Скопје.
До пред
неколку месеци запуштен и оставен на забот на времето, овој споменик на
природата, кој се наоѓа на само 15 километри од Скопје, конечно добива
заслужено внимание. Првата фаза од разубавувањето привршува, а во
втората, која ќе почне од јануари 2009, е предвидена и реализација на
нови проекти кои Матка ќе ја стават на картата на европски и светски
туристички дестинации.
- Планинарски дом, кој е под концесија, е речиси целосно реновиран и ќе
го добие својот автентичен изглед на македонска куќа, со простории за
подолг престој. Во план е и проширување на веќепостоечкиот паркинг
простор и изградба на два нови. Од државата, пак, ќе се бара изградба на
заобиколен пат до кањонот во должина од околу 4 километри, додава Смилев.
Уникатна природа
Кањонот Матка, кој Градското собрание во 1994 година го прогласи за
заштитено подрачје во категорија Споменик на природата, зафаќа површина
од околу 5.000 хектари и се наоѓа 15 км југозападно од Скопје.
Претставува природен резерват на голем број реликтни и ендемични
растенија и животни, а од вкупно 1000 растенија, 20 отсто се ендемити
или реликти. Кањонот е во надлежност на Градот, а грижата за
спроведување на режимот на заштита на ова подрачје ги врши Спелеолошкото
друштво "Пеони".
За првата фаза 5 милиони денари
- Ревитализацијата на кањонот почна во февруари годинава, по иницијатива
на Одделението за туризам при секторот за локален економски развој при
Град Скопје, а беше вклучен и секторот за заштита на животната средина.
За овој проект Градските власти издвоија речиси 2 милиони денари. Нешто
повеќе, односно 2,128 милиони денари, изнесува грантот добиен од GEF
(Global Enviroment Facility), додека НВО "Фагриком" издвои 700 илјади
денари. Во промоција на Матка со 40.000 денари, се вклучи и Општината
Сарај.
КАМПИРАЊЕТО НА ВЕЛЕШКОТО ЕЗЕРО
И ГОДИНАВА Е АКТУЕЛНО
Четири дена на Младост - сто денари
За едномесечно кампирање цената е 1.500
денари, а оние, пак, што на брегот на езерото Младост саката да бидат
присутни цело лето, треба да платат 3.500 денари
Велешани
спасот од горештините го побараат во водите на езерото Младост. Тие
реагираат дека од изградбата на езерото во далечната 1962 година до
денес, освен двата мотели и уште неколку други објекти, многу малку е
направено за да се доуреди брегот.
И годинава најголем е интересот за кампување на езерото. Локалната власт
и летово е задолжена за издавање на локациите, бидејќи пропадна можноста
државата да го изнајми просторот за автокамп.
На брегот на езерото и годинава ќе можат да се постават камп-приколки и
шатори по истите цени како и лани. Така за четиридневно кампирање на
општинскат власт ќе треба да и платат 100 денари.За едномесечно
сместување цената е 1.500 денари, а оние пак, што на брегот на езерото
,,Младост" саката да бидат присутни цело лето, износот е 3.500 денари.
Во
локалната управа најавија дека деновиве ќе бидат поставени и подвижни
санитарни тоалети, но проблемот со вода за пиење и понатаму не е решен.
Лани на брегот на езерото престојувале над 200 кампери од Велес, Скопје,
Свети Николе и Штип, а годинава се очекува бројката да достигне повеќе
од 300 лица.
Проектите
за иградба на современи кампови на овој простор се уште не можат да се
реализираат, иако Општината ги урна пред некоја година дивоизградените
објекти и одбележа 58 локации за кампирање. Локалната власт донесе и
струја, а во план беше да се изградени два автокампа, но на тендерот што
го објави Министерството за транспорт и врски на почетокот на годинава,
не беше никој заинтересиран. Токму поради тоа ресорното министерството
на велешката локална власт и година и дозволи да стопанисува со
просторот.
Странските
туристи речиси и да нема на Младост, иако езерото има одлична транзитна
локација. Најголемиот проблем е лошиот пристапен пат од автопатот
Скопје-Велес и немањето на никаков приклучок до езерото од автопатот
Велес-Скопје. Од Општината посочуваат дека проблем се очекува да се
надмине со изградбата на објектот на "Прокредит банка", каде ќе биде
сместена академијата за обука на Банката за Југоисточна Европа, па ќе се
бара и сообраќајно решение на автопатот Велес-Скопје.
Водите на велешкото езеро покрај тоа што се користат рекреативно, со нив
се наводнуваат над 800-тините хектари лозови и овошни насади.
ИЛИНСКА ПЛАНИНА
НОВА ЛОКАЦИЈА ЗА ЉУБИТЕЛИТЕ НА ПРИРОДНАТА УБАВИНА
Од јужната страна на
Кичевската котлина се наоѓа една од најголемите и најубави планини во
нашава земја. Тоа е
Илинска планина. Најзините страни сега се граничен појас помеѓу трите
општини: Другово, Дебарца и Демир Хисар. Името го добила по пророкот
Илија бидејќи на еден од нејзините врвови, на надморска височина од 1525
метри се наоѓа манастирот Св Илија. Овде, на овие простори, особено во
летните месеци, бројни се љубителите на природата кои тука ги поминуваат
викендите и своето слободно време.
Врвот Лиска кој е највисок
и се наоѓа на 1908 метри надморска височина е посебно интересен. Од него,
погледот на југозапад се шири се до Охридското езеро. Планината е
природна вододелница, бидејќи сите нејзини извори и реки кои се спуштаат
низ западните падини се слеваат во Јадранскиот слив, а оние од источната
страна својата крајна дестинација ја имаат во Егејското море.
По оваа планина се наречени и селата Мало и Големо Илино кои се посебно
значајни за љубителите, но и проучувачите на етнологијата, пред се,
поради архаичниот начин на живеење на нивните жители во куќите од кои
повеќето навлегле во вториот век од своето постоење. Во непосредна
близина на Големо Илино се наоѓа изворот на втората по
значење река во Македонија, Црна река.
Освојување на врвовите
Илинска планина нуди
солидни можности за развиток на летниот и зимскиот планински туризам.
Пристапните патишта од Кичево и Охрид водат скоро до подножјето на
највисокиот врв Лиска. Истовремено има поврзаност на Западната
магистрала од Кичево преку селото Велмеј во општината Дебарца, се до
Демир Хисар на спротивната страна на планината и понатаму пак кон Кичево
или Битола.Ова е само предуслов за понатамошно развивање на
инфраструктурата во овој регион. Засега Илинската планина е посетувана
само од вистинските љубители на планината, бројните планинари и
извидници од регионот, а врв на задоволството за сите нив е престојот во
манастирскиот комплекс ,,Св Илија,, каде многумина за неколку часови го
наоѓаат својот духовен мир. Да не ги заборавиме и билко собирачите од
околните села кои скоро во седум месеци во годината собираат најразлични
плодови од природата. Лековитите билки, печурките, шумските плодови ги
користат и за себе, но големи количини даваат во продажба и на тој начин
ја обезбедуваат својата егзистенција. Селектираните растенија се
пакуваат во чаеви во погоните што се градат на овие простори, а се
почесто се флашираат и бистрите планински води и се продаваат насекаде
низ маркетите во Републикава како познатата Илинска вода. Месното
население се надева дека ќе проработи и иницијативноста кај локалните
власти и ќе почне изградбата на Зимски туристички центар бидејќи снег
овде има од ноември па се до мај, а приодот до скијачките објекти е
можен дури и во најекстремни зимски услови.
Пишува: Светлана Велјаноска
|
|
|